Ветераните на ОВК му порачаа на ЕУЛЕКС дека ќе му одговорат „исто како на Југославија“


Секретарот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ-ОВК), Фатон Клинаку, по денешниот упад на полицијата на Меѓународната мисија за владеење на правото во Косово ЕУЛЕКС во просториите на организацијата, изјави дека ЕУЛЕКС при упадот не покажал никаков документ кој му дава за право да врши претрес.

Таковото однесување, изјави Клинаку, наликува на она на некогашните југословенски безбедносни сили кои вршеа упади, претреси и апсења на Албанците без никаков налог.

Тој ги нарече припадниците на ЕУЛЕКС „криминалци“ и порача дека, доколку бидат принудени, припадниците на некогашната ОВК ќе се борат против меѓународната организација, како што се бореле и против Југославија.

– Бев во канцеларија и пиев кафе, кога упаднаа господава без да покажат никаква хартија. Им реков дека Југославија постапуваше исто вака и ние сме принудени да им одговориме. Ако нашата држава не преземе мерки, овие ќе не принудат да се бориме исто како и против Југославија. Ниту имаат документи, ниту хартии, ниту преведувач. Нашата држава е виновна, изјави Клинаку, нагласувајќи дека се работи само за претрес и нема апсења.

Воениот ветеран Џавит Јашари порача дека припадниците на некогашната ОВК во иднина нема да дозволат такви ненајавени дејствија.

– Ние нема да дозволиме да дојдат без никаков налог и без најава. Можно е да се криминалци од Србија. Маскирани се, зборуваат на разни јазици, а некои од нив на словенски јазици. Ние нема да дозволиме такви работи. Слободата ја извојувавме со борба и со крв и никому нема да дозволиме да ни ја одземе, им изјави Јашари на новинарите.

Претресот на просториите на ОВВ-ОВК од страна на полицијата на ЕУЛЕКС, кој започна околу 11.30 часот, продолжува и натаму. Моментно внатре во канцелариите на организацијата се наоѓаат околу 50 припадници на ЕУЛЕКС а од надвор објектот го обезбедуваат припадници на полицијата на Косово, кои им наложија на новинарите да го напуштат местото на настанот. Од припадниците на ОВВ-ОВК внатре во просториите се наоѓа единствено претседателот на организацијата Хисни Гуцати.

Околу еден час по почетокот на акцијата, во зградата во центарот на Приштина, каде што се наоѓаат канцелариите на ветераните на ОВК, се појавија истражители на меѓународната мисија, а во неколку наврати се забележани полицајци на ЕУЛЕКС како изнесуваат пакети со документи.

Адвокатот на ОВВ-ОВК Том Гаши, кој пристигна на местото на настанот веднаш по првите информации дека се случува упад, изјави дека не верува оти ЕУЛЕКС е дојден со намера да апси, туку само врши претрес.

– Јас верувам дека не барат никого. Тој што го бараат знаат каде можат да го најдат, изјави Гаши.

Акцијата на полицијата на ЕУЛЕКС уследи по вчерашното апсење на поранешниот шеф на разузнавањето на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и еден од командантите на ОВК, Салих Мустафа. Тој е првиот од над 300 осомничени за воени злосторства за време и непосредно по војната во Косово од 1998-99 против кого е официјално подигнато обвинение од страна на Специјализираните комори, односно меѓународниот суд за Косово, познат во косовската јавност како „суд за ОВК“.

Во изминатите десетина дена во три наврати во ветеранската организација на ОВК маскирани лица донесоа бројни досиеја на Специјалниот суд, со класификувани податоци од истрагата против лицата осомничени за воени злосторства и со имињата и сведоштвата на лица испитувани од Специјалното обвинителство. Досиејата им беа врачени на истражителите на Судот чие седиште е во Хаг.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1