Едно лице загинало а седум се повредени, меѓу кои три тешко, во експлозија што се случила вчера во станбена зграда во белгиската престолнина Брисел, најверојатно поради истекување на гас за домаќинство, соопшти бриселското државно обвинителство.
– Во саботата попладнето жителите на две згради биле жртви на експлозија по којашто избувнал пожар. Седум лица се примени во две болници. Три се тешко повредени, меѓу нив и двегодишно дете и петнаесетгодишник. Во текот на вечерта во урнатините е пронајдено тело на маж. Идентификувањето сé уште не е извршено – се наведува во соопштението на обвинителството.
Началникот на општината во којашто е квартот Сен Жил, каде што се случила несреќата, Шарл Пике,за белгиските телевизиски мрежи „РТЛ“ и „РТБЕ“ изјави дека „најверојатно станува збор за несреќен случај поврзан со истекување на гас“.
На 22 март, 2016 година Брисел беше цел на најкрвавите напади во својата историја кога беа убиени 32 лица, а 320 ранети во два синхронизирани напади на аеродромот и во подземната железница.