Бандити нападнаа навивачи на плажата Копакабана во Рио де Женеиро, кои го следеле на голем екран полуфиналето Бразил – Германија (1:7). Тие стрелале во воздух, по што упаднале во бар и ги зеле на посетителите чантите, паричниците и накитот.
Во толпата настанала паника, се вмешала и полицијата. При 3:0 за Германија, пак, дел од навивачите си заминале и почнаа да беснеат по улиците на градот. Во немирите се повредени тројца тинејџери кои биле ограбени од банда од десетина лица.
Тие им земале сé на децата. Едното од момчињата успеало само да ја скрие картата за метрото, за да може да се врати дома.
Неколку автобуси и автомобили беа запалени за време на немирите, кои почнаа во бразилскиот мегаполис Сао Паоло веднаш по историскиот пораз за Бразил. Ограбена е и продавница за домашни апарати.
Во фан зоната во Сао Паоло за време на натпреварот навивачите не издржале на тензиите и почнале со вандализам. Претходно, фудбалските навивачи во Ресифе ја предизвикале полицијата да интервенира со солзавец.
На стадионот во Бело Оризонте, голем дел од присутните ги напуштија трибините уште по првото полувреме, а голем дел од оние кои останаа почнаа да ја поддржуваат Германија во знак на протест против слабите резултати на тимот.
Претседателот на Бразил Дилма Русеф повика земјата да се освести и да застане на нозе, но не криеше дека е “многу, многу тажна” од поразот.
.