Унгарските власти заплениле огромно богатство во рамки на истрага за примање мито против поранешен министер од владата на Виктор Орбан. Дел од парите биле закопани во шуми, а дел сокриени во магацини, стопански објекти и станбени простории.
Речиси 17 милиони евра во готовина откриле унгарските истражители во голема антикорупциска акција, во рамки на истрага против поранешен министер од владата на поранешниот премиер Виктор Орбан.
Според информациите што ги објави „Ројтерс“, парите биле пронајдени на повеќе локации. Дел од готовината била закопана во шуми, додека други суми биле сокриени во магацини, стопански објекти и станбени простории. Истражителите откриле пари и во сеф на изолирана локација.
Колкави биле размерите на заплената покажува и фактот што 12 вработени во унгарската Државна трезорска служба, со помош на пет машини за броење пари, работеле цели осум часа за да ја пребројат пронајдената готовина.
Запленети биле 5,07 милијарди форинти, односно околу 13,5 милиони евра, дополнителни 2,66 милиони евра и 1,26 милиони американски долари.
Истрагата е насочена кон Миклош Сештак, кој од 2014 до 2018 година бил министер за развој во владата на Орбан. Тој категорично ги отфрла обвинувањата за незаконско работење.
„Операција чистилиште“ – широка антикорупциска акција
Заплената е дел од пошироката антикорупциска операција што новиот унгарски премиер Петер Маѓар ја нарече „Операција чистилиште“.
Маѓар победи на изборите во април, со што заврши 16-годишното владеење на Орбан, ветувајќи борба против корупцијата и подобрување на односите со Европската Унија.
Во одделни истраги досега се уапсени и двајца поранешни министри од владата на Орбан, како и поранешниот гувернер на Централната банка, Ѓерѓ Матолчи. И тие ги негираат обвиненијата.
Унгарските власти го привеле и братот на Орбан поради сомневање за трговија со луѓе, што поранешниот премиер го оцени како политичка одмазда.
Според анкета на агенцијата „Медијан“, објавена на порталот „ХВГ“, 70 проценти од граѓаните ја оцениле акцијата како многу важна.
Премиерот Маѓар порача дека пронајдените пари се симбол на крајот на, како што ја нарече, „мафијашката“ структура поврзана со партијата Фидес на Орбан и христијанските демократи.
https://x.com/magyarpeterMP/status/2121354510882783564?ref_src=twsrc%5Etfw%7Ctwcamp%5Etweetembed%7Ctwterm%5E2121354510882783564%7Ctwgr%5E25db8ea539b28cc3fdde7d883a2e11c04175818b%7Ctwcon%5Es1_c10&ref_url=https%3A%2F%2Fdnevnik.hr%2Fvijesti%2Fsvijet%2Fnevjerojatno-otkrice-u-susjedstvu-u-sumama-i-skladistima-zakopali-17-milijuna-eura-gotovine—1014328.html








