Непознат маж е убиен на аеродромот „Орли“ во Париз, откако се обидел да му го одземе оружјето на еден војник, јави дописникот на МИА од Париз.
Според првичните информации од истрагата, убиениот напаѓач на парискиот аеродром „Орли“ успеал да му одземе на припадникот на воената патрола автоматска пушка од типот „Фамас“, но не ја употребил. Застреланото лице немало експлозив на телото и засега не е познат неговиот идентитет.
Двата терминала и над 3.000 патници се евакуирани. На аеродромот „Орли“ во тек е операција на деминирање, односно проверка на аеродромската зграда од срана на специјалните полициски сили. Пристапот кон аеродромот е целосно блокиран. Ниту еден авион не полетува, ниту слетува на „Орли“, сите летови се пренасочени кон „Роаси“.
Овој напад француските медиуми го поврзуваат со друг инцидент врз припадници на полицијата, кога околу седум часот изутринава, тројца полицајци се обиделе да контролираат еден автомобил во Стан, во северниот дел на Париз.
Возачот прво ги извадил личните документи, а потоа и оружје, пред да пука кон полицајците, при што еден бил повреден. Неговиот автомобил е пронајден на аеродормот „Орли“.
Според полициски извор, двата напада извршени денеска се дело на еден ист човек, радикален муслиман, кој му е познат на француското разузнавање.
Инцидентот се случи околу осум часот и 30 минути во јужниот терминал на аеродромот. Напаѓачот дејствувал сам, се фрлил кон воената патрола и се обидел да му го одземе оружјето на еден од војниците, по што се засолнил во една продавнициа на аеродромот, пред да биде застрелан, објасни портпаролот на француското Министерството за внатрешни работи, Пјер-Хенри Бранде.
– Во тек е полициска акција, истакна Бранде, апелирајќи на граѓаните да ги следат инструкциите.
Според медиумите, нема повредени лица, а аеродромот бил евакуиран веднаш по пукањето во еден од терминалите.
Аеродромската зграда е блокирана и веднаш се испратени специјални полициски единици.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ле Ру се наоѓа на местото на настанот.
Аеродромот „Орли“, кој е втор по големина во Франција, се наоѓа на дваесетина километри јужно од Париз.