Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Истанбул го отвори најголемиот аеродром на светот, во присуство на повеќе од 50 високи функционери од целиот свет, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.
Како што јави агенцијата Анадолија, новиот аеродром во Истанбул, чија прва фаза денеска ја отвори Ердоган, е изграден на вкупна површина од 76,5 милиони квадратни метри, а другите фази би требало да бидат завршени до 2023 година.
По завршувањето на работата, аеродромот ќе содржи шест одвоени писти, ќе има капацитет за 500 авиони, паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила и годишно ќе опслужува околу 200 милиони патници.
Се очекува на аеродромот дневно да слетуваат и полетуваат 2.000 авиони, кон повеќе од 350 дестинации, а своите услуги ќе ги нудат 250 авиокомпании. Во првата етапа се планирани дневно пет слетувања, а исто толку и полетувања.
Планирани се внатрешни летови кон Анкара, Измир и Анталија, но и кон турската република Северен Кипар и Азербејџан кои ќе бидат први меѓународни летови.