На подрачјето на Босна и Херцеговина биле забележани 7 случаи на заболувања за кои се сомнева дека се предизвикани од вирусот Западен Нил кој предизвикува грозница, известиле денес локалните медиуми.
Сите сомнителни случаи биле пријавени во Институтот за јавно здравство на Република Српска.
Според достапните информации две заболени лица се во тешка состојба, но за конечна дијагноза ќе биде потребно да се направат дополнителни тестирања.
Грозницата Западен Нил на луѓето се пренесува преку убод од заразени комарци, а тие во Босна се размножиле по големите поплави.
Околу 80 проценти од заразените немаат никакви симптоми, посебно во подрачјето каде случаите се почести. До 20 проценти од заразените имаат благи симптоми како грозница, главоболка, болки во мускулите, повраќање. Поголем број од заразените оздравуваат по неколку дена, додека кај постарите има опасност од развој на менингитис.