Покрај тоа што ја ублажува болката, парацетамолот нè спречува и да сочувствуваме со туѓата болка, покажуваат најновите истражувања. Имено, научниците сметаат дека замајувањето на делот од мозокот задолжен за чувствување на болка го отежнува сочувствувањето со болката на другите.
Со оглед на претходните студии за овој лек, кои покажуваат дека парацетамолот го отапува чувството на радост, има уште многу што да се научи за него, велат експертите од Државниот универзитет во Охајо.
„Ацетаминофенот“ (американското име за „парацетамол“) може да ја намали способноста за емпатија, што е загрижувачки. Емпатијата е важна. Ако се искарате со брачниот партнер, а непосредно пред тоа сте испиле „ацетаминофен“, вашата способност да сфатите зошто сте го повредиле можеби ќе биде намалена“, додаваат тие, пишува Daily Mail.
Ова не е единствениот изненадувачки ефект на парацетамолот. Претходните истражувања наведуваат на заклучок дека аналгетикот го олеснува донесувањето на тешки одлуки.
Кога „срцето боли“
„Луѓето имаат уникатна способност да донесуваат сложени одлуки“, велат научниците од Универзитетот во Кентаки. Кога го прават тоа, понекогаш користат зборови кои се доведуваат во врска со физичка болка, на пример, велат дека „ги боли срцето“ што мораат да ја продадат куќата во која живееле со години.
„Ние сметаме дека болното донесување на одлуки нема само метафорично значење, а ако е така, замајувањето поради ублажување на физичка болка исто така би имало ефект и врз ублажувањето на психолошката болка при донесувањето на такви одлуки“, велат научниците.
„Донесувањето одлука може да биде болно, но аналгетикот против физичка болка може да го ублажи тој ефект“, заклучуваат тие.
Конечно, парацетамолот може да ја ублажи и болката поради големите суми на потрошена готовина, покажуваат истражувањата. „Супресантот на физичката болка може да ја намали т.н. „болка поради плаќање“, за која зборуваме во случаи кога луѓето трпат поголема психолошка болка кога ќе потрошат готовина отколку кога ќе ја повлечат кредитната картичка низ апаратот.“
Tocka.com.mk