Нискобуџетниот авиопревозник „Виз ер“ ја укинува продажбата на билети за двe од своите авионски линии надвор од Македонија, една седмица откако Владата го поништи тендерот за доделување на финансиска поддршка за авиопревозници, пишува порталот „Ex YuAviation“
Продажбата на билети за Скопје-Барселона ќе биде прекината од 26 октомври, а од Охрид до Лондон од 24 октомври.
„Виз ер“ ќе ги прекине летовите помеѓу Скопје и Ваксјо во јужна Шведска од средината на септември, поради слабата побарувачка.
Претходниот тригодишен договор со државата за субвенционирање на нови дестинации, истече во јуни, па како резултат на тоа, авиопревозникот повеќе не е обврзан со договор да ги одржува своите дестинации што ги лансираше во текот на изминатите три години, ниту пак добива субвенции за нив.
Минатата недела Министерството за транспорт и врски соопшти дека ја поништило постапката за доделување финансиска поддршка на авиопревозници, по предлог на Комисијата за спроведување на постапката. На јавното отворање била доставена само една понуда, за која од Министерството потенцираа дека не била со комплетна документација. Министерството додаде дека врз основа на ова Комисијата констатирала дека не постојат услови за понатамошна евалуација на пристигнатото барање за финансиска поддршка.
Од Министерството за транспорт и врски најавија дека во најкраток рок повторно ќе го објават јавниот повик за доделување финансиска поддршка на авиопревозници со цел да се овозможи развој на авиосообраќајот во Македонија.