Владата направи нова измена во станбени субвенциите со која парите во моделот за половина учество станаа неповратни, открива заЕкономски.мк вицепремиерот Зоран Ставрески. Измената ќе важи и за новите и за веќе земените кредити.
Со тоа граѓаните сега можат на самиот старт од проектот да добијат неповратни 9.200 евра за стан или 15.000 евра за изградба на куќа, а оние корисници кои веќе аплицирале за половина учество и го добиле заемот немаат обврска да го враќаат.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески верува дека оваа нова погодност значително ќе го зголеми интересот за купување на стан или куќа со финансиска помош од државата.
– Ова е животна шанса за оние кои имаат некакви, но недоволни средства да добијат значителна сума и да се стекнат со сопствен дом. Во случај на купување стан државата дава 50% од учеството или 9.200 евра за кредит од 50.000 евра. За купувањето или изградбата на куќа, каде што државата покрива 75% од учеството, корисникот добива 15.000 евра за кредит од 50.000 евра, изјави Ставрески за Економски.
Бенефицијата важи доколку корисниците се придржуваат на веќе востановеното правило исплатата на кредитот да ја вршат подолго од десет години.
Наместо кирија, 82 евра рата за сопствен дом
Како што вели вицепремиерот, моделот “Половина рата” е исто така атрактивен ако се има предвид дека во тој случај корисникот на кредитот ќе плаќа поевтина рата за свој дом отколку месечна кирија.
– Во “Половина рата” за 50.000 евра кредит ратата изнесува 330 евра од кои корисникот плаќа само 82 евра, а државата 250 евра во првите пет години. Сите тие што плаќаат кирија од 100 евра месечно, можат наместо тоа плаќаат 82 евра рата и да изградат куќа или да купат стан, изјави Ставрески.