Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пролетва ги промовираше новите проекти во областа на спортот, Агенцијата за спорт и млади денес се одлучи да преземе конкретен чекор во изградбата на скејт паркови и кошаркарски игралишта низ целата земја. Објавен е оглас за изработка на основни проекти за изградба на пет типизирани скејт паркови и 150 типизирани кошаркарски игралишта. Постапката за избор на субјект што ќе ја подготви проектната документација е отворена до средината на јуни.
Средства за проектот ќе се обезбедат од државниот буџет. Скејт парковите е предвидено да се градат во Штип, Кавадарци, Охрид, Тетово и Куманово. Игралиштата за кошарка ќе се градат во десетина македонски општини. Овие спортски објекти се дел од најавените проекти за најмладите од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. „Вие добро знаете дека внимаваме што ветуваме, и тоа што ќе го ветиме го исполнуваме. Нашата работа е мерлива и видлива“, изјави Никола Груевски на промоцијата на мерките за младите на 18 февруари годинава.