Премиерот Зоран Заев на денешната пленарна седница одговарајќи на прашање од пратеникот Амди Бајрам рече дека се залагаат за донесување закон за бесплатно болничко лекување како една од мерките за надминување на сиромаштијата.
– Социјално загрозените лица имаат право на бесплатно болничко лекување, да го користат тој момент како граѓани, а институциите се должни да го почитуваат законот. Правиме напори до крајот на оваа година да ги обезбедиме оние 5,5 милиони евра кои што значат партиципација во делот на болничкото лекување, рече меѓу другото Заев.
Ова, како што додаде премиерот, го прават заради сиромашните граѓани, затоа што на побогатите не им е проблем да ја платат партиципацијата.
– Но ако сакаме да бидеме држава каде што согласно Уставот социјалниот аспект ќе биде важен, тогаш ваквите иницијативи се надевам дека ќе наидат на поддршка пред се од институциите. Убеден сум дека Парламентот би дал поддршка на вакви решенија кои ќе го олеснат животот на сиромашните граѓани, рече Заев.
Пратеникот Бајрам на денашната седница побара да се изгради споменик на гробот на Есма Реџепова – Теодосиевска.
Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека целата процедура за подигање споменик треба да оди преку Собранието, бидејќи Есма е национален уметник.
Премиерот Заев додаде дека првпат слуша за вакво барање и дека е недозволиво гробот на Есма да нема споменик, бидеќи како што рече Есма заслужува достоинствено да се одбележи нејзиното дело.
Владата има средства за тоа, рече Заев и додаде дека лично ќе се заложи кај пратениците и кај фондацијата „Есма и Стево Теодосиевски“ да се зачуваат името и делото на Есма Реџепова.