Маршалот Тито, Александар Македонски, Бизмарк, Петар Велики, Карлос Слим, најбогатиот човек на светот, Атила Хунски се дел од личностите чии што биографии, Министерството за култура, ќе ги подготви за македонските граѓани, дознава А1он.
Меѓу 150-те одбрани дела за превод се опфатени биографиите на комунистичките лидери како Тито и Хрушчов, речиси сите американски претседатели, па се’ до животните приказни на основачите на Твитер, на Амазон, на Битлси, Принцезата Грејс и на Агата Кристи.
Во конкурсот се наведени и книги за научници, писатели, режисери, музичари. Меѓу нив две книги за Пабло Неруда, а Владата ќе финасира и две книги за Јосип Броз Тито: „Тито и другарите од Јоже Пирјевец и „Јосип Броз Тито: Илустрирана биографија“ од Фицрој Меклин, пишува порталот.
Се работи за вкупно 150 книги, за кои Министерството за култура ќе потроши речиси 1 милион евра или 57 милиони и 147 илјади денари.
Министерството за култура ја демантира информацијата дека сумата за проектот „Превод на македонски јазик на 150 биографии, автобиографии, мемоари и монографии на светски познати личности, од сите сфери“ не влегуваат и трошоците за превод на македонски јазик.
„Заради правилно информирање на јавноста сакаме да појасниме дека во Јавната набавка за реализација на проектот која е објавена и на веб-страната на Бирото за јавни набавки, во техничката спецификација од тендерската документација детално е опишано дека во сумата се опфатени: превод, лектура, прелом, техничко уредување, дизајн, откуп на авторски права, стручна редакција и печатење на книгите во тираж од по 500 примероци“, стои во демантот на Министерството.
Од Министерството за култура велат дека проектот „Превод на македонски јазик на 150 биографии, автобиографии, мемоари и монографии на светски познати личности, од сите сфери е дел од нивните проекти од Програмата за работа на Владата на РМ.