Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција поврзана со одлуките од синоќешната 93. владина седница ги повтори очекувањата на Владата за постигнување двотретинско мнозинство за уставните измени за што денеска собраниската Комисија за уставни прашања треба да ја отпочне расправата по предлогот за потребата од уставни измени поднесен од Владата.
– Сметаме дека оваа историска одлука пред која се наоѓаат пратениците во македонскиот Парламент е од суштинско значење за остварување на стратешките цели на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Сметаме и очекуваме дека мнозинството пратеници во Парламентот ќе ја послушаат волјата на мнозинството граѓани кои на 30 септември гласаа „за“ овие заложби, рече Бошњаковски, повторувајќи ги заложбите на Владата.