Владата на Република Македонија усвои предлог закон за дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се решава проблемот со кој се соочуваа 20.000 граѓани.
Со законското решение на Владата се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело по член 380 од Кривичниот законик – Употреба на исправа со невистинита содржина, односно на лицата кои што во постапката за пријавување во здравственото осигурување пред Фондот за здравствено осигурување поднеле изјава со невистинита содржина за остварените приходи во претходната година согласно прописите за придонесите од задолжителното осигурување.
Согласно предлог законот за дополнување на Законот за здравственото осигурување, кој веќе поминал на владина седница, освен ослободување од кривичното гонење на оваа категорија лица, се предвидува и запирање на кривичните постапки кон лицата кон кои се започнати истите, и потполно се ослободуваат од извршување на казната, се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата на лицата кон кои веќе се донесени судски пресуди.
Предлог законот со кој се регулира оваа материја е веќе усвоен на владина седница, и тој веќе е испратен во Собранието на Република Македонија, потврдија од Владата.
Граѓаните се од цела Македонија, од кои најголем дел од Прилеп, Битола, Струмица, Скопје но и од другите градови.