Засилен мониторинг врз работата на инспекторите, издавање лиценци и нивно обновување на секои пет години, постојани обуки и усовршување, се само дел од мерките кои ќе бидат преземени во наредниот период, со цел да се зајакне работата на инспекциските служби и тие да прераснат во сериозна алатка во борбата со корупцијата и со митото.
Сегашните и идните инспектори ќе треба да полагаат испити и да добијат лиценци, кои ќе треба да ги обновуваат на секои пет години. Посебен Инспекциски совет во иднина ќе се грижи за квалитетот на работата на инспекциските служби и квалитетот на работата на секој инспектор поединечно. Инспекторите отсега натаму не ќе можат кога сакаат да влегуваат и да вршат контрола кај фирмите. Идејата е инспекцискиот надзор да се врши координирано и еднократно, со цел да не се попречува и да се влијае на секојдневното работење на претпријатијата.
Ова се дел од измените и дополнувањата на Законот за инспекциските надзори кои ги презентираше вчера премиерот Никола Груевски во присуство на поголемиот дел од Владата. Инспекцискиот совет, кој првпат се воведува кај нас, треба да се конституира во рок од три месеци од донесување на законот, кој пак ќе почне да се применува шест месеци од неговото донесување.