ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика ЗНМ, МАН, ССНМ, Агенцијата за медиуми и сите спортски, културни, верски и други организации што се засегнати од законот за медиуми да достават свој предлог до нив за да може оваа партија забелешките да ги стави на маса во Клубот на пратеници пред другите чинители на Договорот од Пржино.
Според Илија Димовски, член на работната група на ВМРО-ДПМНЕ, нема да биде прифатен закон во кој ќе бидат внесени високи казни за медиумите и ќе значи цензура за нив.
– Ги информиравме сите партии дека немаме намера да прифатиме закон за медиумите без другите чинетели кои се засегнати од оваа проблематика. Исто така, не се согласуваме со предлогот на белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, чии одредби ги нема во ниту еден европски закон – изјави Димовски.
За Роберт Поповски, преговарач за медиуми од СДСМ, овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив, но смета дека владејачката партија тоа требало да го направи пред две-три недели.
– Поради тоа што дури денеска ВМРО-ДПМНЕ ја предлага оваа инцијатива, мислиме дека тоа се случува заради одложување на договорот кој треба да биде постигнат за медиумите. ВМРО-ДПМНЕ минатата недела го одби нашиот предлог за новинарските зздруженија да учествуваат во преговорите на работните групи – изјави Поповски.
На новинарско прашање што мисли како поранешен новинар за изjaвата на Заев, кој како најголем непријател наброја дел од националните телевизии, тој не одговори директно, туку рече дека лошата состојбата со медиумите е зголемена за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање до Илија Димовски дали критички настроените медиуми се непријатели на партијата, тој рече дека неговата партија нема непријатели, а како непријател не го доживува ниту СДСМ. Според него, опозициската партија требало да научи за овие години да не бара непријатели, туку политичките противиници да ги смета за конкурентини.
Денеска напладне, по еден ден пауза, во Клубот на пратеници продложуваат преговорите за проблемите во сферата на медиумите.