ВМРО-ДПМНЕ побара одговор од телевизијата Телма, со име и со презиме јавно да обелодени кој се јавувал и правел притисоци кај нив и, ако не се соопшти директно, тоа за партијата на власт значи дека телевизијата со „црвениот телефон“ прави површен маркетинг на сметка на наводна борба против притисоци.
„ВМРО-ДПМНЕ инсистира Телма да објавува прилози какви што сака и да не прифаќа никакви притисоци. Но, во една ваква политичка ситуација, телевизија Телма со вакви чудни маркетиншки потези само добива сивило кое ни црвен телефон не може да го промени.
Треба работите да се ословуваат со име и презиме. ВМРО-ДПМНЕ бара јавно да се каже кој прави притисок врз Телма и инсистира да не се ставаат сите политичари во ист кош. Телевизија Телма после овој потег има силна обврска пред јавноста да каже кој и вршел притисок. Ако Телма не го направи тоа, тогаш ќе остане јасно дека црвени телефони и површен маркетинг за слобода им се позначајни од транспарентноста и точното информирање“, соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе ја прашува Телма да објави кој и правел притисоци, се додека не објави, за, како што наведува, да се спротивстават заеднички на сите обиди за манипулација на јавноста.
„На јавноста, откако Телма направи ваков чекор, не и се доволни црвен телефон и маркетинг директор кој го смислил ова. На јавноста и треба име и презиме кој и кога правел притисок врз оваа телевизија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.