Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека во знак на револт против неоснованото и неправедно притворање на пратеници и уметници и во знак на поддршка на, како што велат, жртвите на хунтата на Заев денеска ќе организираат протест во 16 часот пред Истражниот затвор во Шуто Оризари.
Република Македонија го живее еден од најцрните и најнедемокртски периоди од осамостојувањето, потенцираат од оваа партија.
Како што истакнуваат во соопштението, периодот го карактеризираат политички затворања, монтирани обвиненија и одмазда против секој што гласно се спротиставува на анти-државните политики.
„Заев и неговата хунта со тоталитаристички методи се пресметуваат со сите оние кои вистински ја сакаат Македонија. Ги злоупотребуваат институциите и неправедно ги затвараат сите оние кои не се согласуваат со политиките на хунтата“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека глумци, режисери, уметници и архитекти се притвараат за, како што велат, измислен тероризам само затоа што јавно говореле за распродавањето на националните интереси и за штетните државни политики.
„Сценариото е однапред напишано и добро познато. Затворањето и политичкиот прогон на пратеници и уметници има за цел да вреже страв кај Македонците, дека секој оној кој ќе го крене гласот и нема да се согласи со анти-државните политики на хунтата на Заев, ќе заврши во затвор или ќе биде затрупан со кривични пријави и обвиненија“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека остануваат на улиците заедно со македонскит народ до конечно враќање на правната држава и возобновување на демократијата.