Политичката криза во нашата држава трае предолго. Таа е наметната од опозицијата. Кризата предизвикува не само политичка штета, туку и економска. Го раѓа разбирливото чувство на загриженост и несигурност кај граѓаните, а токму тоа е и целта на оние кои ја предизвикаа- забавување на растот, забавување на реформите, донесување на деструкција и конфликтност, истакна денес Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тодоров најави што владејачката партија ќе прави во наредните неколку денови.
-Наредните денови ќе имаме партиски настани, собири и трибини на кои ќе се дискутираат нашите проекти, постигнувања, но и генерални политики. Ова ќе биде викенд на отчетност и реални проекти и дела. Карактеристично за нашата партија и она што нас не прави поразлични од нашите политички противници. Додека тие се занимаваат со смислување на начини како да одбегнат избори или како да продолжат со деструкцијата и да ја продлабочат кризата, ние дискутираме за реалните проблеми на луѓето, на граѓанинот, што е и наша обврска како политичари и се фокусираме на секојдневието на граѓаните, а не на маглата од негативизам која ја креира опозицијата. Ќе зборуваме за реалните проблеми на луѓето и проектите кои им помогнале во секојдневието. Тоа е наша обврска како политичари, се друго е една вештачка димна завеса која низ историјата ќе исчезне, а ќе останат само делата и проектите кои што се реализирани и кои се одраз на нашите политики и на макотрпната работа и посветеност, истакна Тодоров.
Нови работни места, инвестиции во инфраструктурата, проекти, реформи во здравство, во образование, зголемување на пензии и плати, проекти за млади, субвенции за земјоделците…. се само дел од она што е спроведено и за што ќе се зборува на партиските настани овој викенд.
Свое обраќање и дискусии овие три дена ќе имаат политичари од ВМРО-ДПМНЕ, но и многу други докажани професионалци и експерти, луѓе кои се надвор од политиката.
-Ќе зборуваме за нашите примарни определби, подобриот стандард, нови работни места, за тоа како да ја зголемиме уште повеќе бројката на нови работни места. Ќе дискутираме за земјоделието, културата, спортот, за поддршката на социјално ранливите категории на граѓани, за здравството, за здравата животна средина. Ќе дискутираме и за државата низ призма на законодавната и извршната власт. Посебен фокус ќе имаме и на положбата на жената во политиката и проектите кои се посветени на жените, истакна Тодоров.
По дводневна програма во МОБ (денес и утре), овој тродневен настан на ВМРО-ДПМНЕ ќе го има финалето во недела во СЦ „Борис Трајковски“ каде свое обраќање ќе има лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
-Нашата цел е да бидеме секогаш подобри и да продолжиме да реализираме реални проекти и конкретни дела. Затоа ВМРО-ДПМНЕ порачува: „Време е за крај на политичката криза. Време е за крај на деструкциите, конфликтноста, поигрувањето со чувствата на луѓето. Крај за штетите на угледот на државата“. Без оглед на желбите и сценаријата на нашите опоненти, ние секогаш сме се одликувале со поразлична свест од нив, поразлично чувство на одговорност кај граѓаните и кон државата затоа што за нас секогаш интересите на Македонија биле и се пред сите други, заклучи Тодоров.