Одлуката на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да го одобри барањето за одземање на имунитет на шест пратеници, не е базирана на факти и аргументи, туку на голата желба за политички реваншизам на СДСМ и кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и кон многу граѓани кои покажале лична доблест и свест да проговорат јавно против нивните политики, реагираат од пратеничката група на опозицијата.
Нивните пратеници и заменици кои се членови на Комисијата денеска не присуствуваа на седницата, но затоа од пратеничката група реагираа преку соопштение велејќи дека не сакаат да даваат легитимитет на партиската комисија.
„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот на Република Македонија. Пораката што СДСМ ја прати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денес, реагираат од опозицијата, биле аминувани прекршување на Уставот и Деловникот на Собранието.
Иако членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата, мнозинството обезбеди кворум и едногласно даде зелено светло за одземање на имунитетот на пратениците осомничени за „крвавиот четврток“.
Сега на потег е Талат Џафери, кој треба да закаже пленарна седница на која ќе се гласа одземањето на имунитетот. За да се случи тоа потребни се 61 глас.