Радикалните протести што се случуваат немаат никаква поврзаност со Охридскиот рамковен договор, ниту, пак, со меѓуетничките односи, туку напротив организаторите на овие протести ја кријат својата радикална агенда зад параванот на меѓуетнички односи, соопшти вчера владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потенцира дека радикалите сакаат да направат забуна и да мобилизираат повеќе приврзаници.
– Тие се свесни дека по друга основа, освен со лажење дека се обесправени и дека им се загрозени правата на Албанците, за нивната агенда не ќе можат да наидат на каква било поддршка. Тоа не може да им помине затоа што оваа ситуација нема никаква врска со тоа што тие го организираат. Овие протести се мотивирани и се производ на верски радикални елементи, кои се спротивставуваат на пресуда на независен суд за сторено кривично дело свирепо убиство на пет лица, од кои четворица малолетници, се нагласува во соопштението.