ВМРО-ДПМНЕ реагира со соопштение во кое велат дека разговорите по телефон кои ги објави опозицијата се лепени, монтирани, сечени и без никаква автентичност.
„Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денес покажаа дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност.
СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија, да предизвика кавги и конфликти и помеѓу Македонците и помеѓу сите други граѓани на нашата држава.
СДСМ има цел да го сруши угледот на државата, да ја превземе власта без поддршка од граѓаните, а на своите наредбодавачи да им помогне да ја урне Македонија на коленици пред барањата и уцените на тие странски центри кои воопшто не и мислат добро на Македонија.
СДСМ денес си одржа партиски митинг, си донесе луѓе со автобуси и ги верглаше истити работи и истите тези за кои зборуваат 9 години и никогаш не добиваат поддршка од граѓаните.
На СДСМ очигледно му требаат нелегални и креирани снимки за да привлече луѓе на своите митинзи бидејќи се досадни, сувопарни и празни цели 9 години.
Апелираме до нив да продолжат со вакви естрадни и квази-фестивалски настани, а ние ќе продолжиме да си ја работиме нашата работа, да привлекуваме инвеститори за да отвараат фабрики во нашата држава, да градиме патишта, да реконструираме болници и училишта, да продолжиме со зголемување на плати, пензии и социјални трансфери, да помагаме на земјоделците, да набавуваме автобуси и нови возови, да градиме булевари, ќе продолжиме да работиме.
За СДСМ нема дно, ќе продолжат да тонат. Вечерва направија грда политичка лакрдија, а со тоа не разбраа дека всушност само си го покажаа своето лице. Со подли, извртени и болни воведи и коментари на некој чуден водител сакаат да креираат лажни емоции. Мислат дека луѓето нема да ги разберат нивните извртени умови и болна желба за власт.
ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи Зоран Заев да си поигрува со иднината, со стабилноста, со економскиот развој и со перспективите на Македонија.
Граѓаните го знаат и го паметат вистинскиот лик и на Зоран Заев и на Радмiла Шеќеринска и на Зоран Верушвески и на сите нивни соработници од СДСМ. Граѓаните ги паметат сите нивни злодела од минатите дваесетина години.
Агресивниот и избезумен говор на Зоран Заев и бледите и празни говори на неговите соработници јасно кажуваат дека и тие самите веќе разбрале дека граѓаните на Македонија им ја прочитаа целта на ова сценарио, а тоа е гола власт по секоја цена, па макар и да се одработува за туѓи интереси.“ се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.