Според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, ДЕНЕС (четврток) два региони од територијата на државата ќе бидат зафатени со температури од портокалова фаза. Станува збор за охридско–преспански и јужно-вардарски регион, каде се предвидуваат температури повисоки од вообичаените за овој период од годината. Останатите региони ќе бидат зафатени со температури од жолта, односно алертна фаза.
Од Министерството за здравство соопштуват дека продолжуваат да важат донесените препораки за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот.
Покрај овие препораки, во регионите кои утре ќе бидат зафатени со портокалова фаза (Охрид, Струга, Дебар, Ресен, Штип, Радовиш, Кавадарци, Демир Капија, Струмица, Гевгелија) Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период.
Во текот на летниот период, во сите градови низ државата се поставени пунктови за превентивни препораки и совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав начин на живот.