Летувањето во странство може скапо да ве чини ако се впуштате во долги разговори преку својот мобилен телефон или, пак, се приклучувате на Фејсбук за да тагнете своја фотографија. Нашите телефонски апарати се ставени на автоматско бирање и кога сте во странство го “фаќа” во тој момент најсилниот сигнал на операторите.
Внимавајте во Охрид! На некои локации на охридското крајбрежје доколку телефонот ви е подесен автоматски да бара мрежа – самиот ќе ви се префрли на албанска мрежа и вие ќе си зборувате опуштено мислејќи дека сте во Македонија, пишува Вечер.
Според понудата на Т-мобиле, ОНЕ и на Вип оператор, во зависност од земјата во која сте на одмор и избраниот мобилен оператор, минута разговор ќе ве чини од едно до 2,5 евра. Ако разговарате трипати во денот по две минути во текот на десетдневен одмор, за телефон ќе потрошите најмалку 50 евра. Цените за интернет се многу високи. Колку за споредба, во зависност од операторот на кој сте закачени, разликата на цена за еден мегабајт податоци на мобилен интернет во роаминг се движи од 120 до 980 денари.
Сите македонски оператори овозможуваат поевтини роаминг-повици со внесување на кодот *123* пред бројот што го избираме. И во овој случај треба да се внимава на кој оператор сте приклучени бидејќи оваа услуга е достапна само во мрежите на оние што овозможуваат УССД-роаминг.
Т-Мобиле:
Во Албанија и Бугарија најевтини разговори ќе имате ако сте приклучени на мрежата на операторот АМЦ Мобил, односно Глобул каде повик кон тамошен национален број ќе ве чини 79 денари/минута и 120 денари за 1 мегабајт потрошен интернет. Но, ако сте на мрежата на Водафон, Плус Комуникејшн, или пак, Игл Мобил во Албанија, односно Мобилтел во Бугарија минута разговорот ќе ве чини двојно повеќе, односно 149 денари, а интернетот е од 780 до 980 денари/мегабајт. Во Бугарија, разговорите преку мрежата на Виваком чинат 89 денари и интернет од 180 денари.
Во Грција и Србија пак, најевтино ќе разговарате во мрежите на Космоте (79 денари), во Вајнд Хелас, Телеком Србија и Теленор 89 денари, додека најскап разговор ќе водите ако сте приклучени во мрежите на Водафон и ВИП Мобиле (149 денари). Интернетот, пак, е најевтин во мрежата на Космоте (120 денари), во Вајнд Хелас, Телеком Србија и Теленор изнесува 180 денари, додека најскап е во Водафон (980 денари) и Вип Мобиле (780 денари). Пратените СМС-пораки од Албанија, Бугарија, Грција и Србија чинат 16,9 и 20 денари во зависност од операторот.
Слични се цените на разговорите, интернетот и на СМС-пораките и кај операторите во Турција, Хрватска и Црна Гора. Примените СМС-пораки се бесплатни Примените ММС-пораки се наплаќаат по цената на сообраќај за ГПРС. Испратените ММС-пораки се наплаќаат по цената на сообраќај за ГПРС, плус моментната цена за пратена ММС-порака.
Вип оператор во Албанија златен партнер е Водафон, во Бугарија е М:тел, Во Грција е Водафон Грис, Во Србија е ВИП Мобиле, во Турција е Водафон, а во Хрватска е Вип нет, каде минута разговор кон дома или кон тамошен број чини 76 денари, меѓународен повик изнесува 112 денари, дојдовен повик е 29 денари, а 100 килобајти интернет 39 денари. Во Црна Гора Вип оператор нема златен партнер, туку два сребрени каде повиците од тие мрежи кон дома чинат 112 денари, меѓународниот повик изнесува 147 денари, дојдовниот повик е 29 денари, а интернетот 59 денари КБ. СМС-пораките пратени од сите мрежи чинат 17 денари.
Операторот ОНЕ има тарифирано различни цени за роаминг услугите според различните тарифни пакети. Така, на пример во тарифниот модел ТОТАЛ, во сите посочени земји минута разговор кога ве бараат чини 19,2 денари, а СМС-пораката изнесува 13,82 денари. Разговорите кон дома чинат од 49 до 62,02 денари кај албанските оператори, потоа од 103,82 до 143,73 денари кај бугарските оператори, додека најскапа е минутата во Србија и Турција од 119 до 156,26 денари.
Во Грција минута разговор ќе ве чини од 79,86 до 95,83 денари, во Црна Гора од 79,86 до 91,76 денари, а во Хрватска разговорите изнесуваат од 71,34 до 105,33 денари/минута. СМС-пораките се движат од 12,78 до 20 денари. Цените за интернет пак, ОНЕ ги тарифира според зоните, па така, во регионалната зона еден мегабајт чини 399 денари, во зона 1 изнесува 599 денари, а во зона 2 чини 899 денари. Во моментов ОНЕ има 268 роаминг партнери во 126 земја и нивниот број секојдневно расте.
Повеќе на – Вечер.мк