Бугарски археолози открија „вампирски гроб“ во кој е пронајден човечки скелет, прободен со метален колец во пределот на градите.
Гробот е откриен во јужна Бугарија, близу до границата со Грција, во текот на истражувачките работи врз локацијата на античкиот тракиски град Перперикон. Овој град се верува дека бил населен уште 5000 години пред нашата ера, но е откриен пред 20 години.
На таа локација, археолозите пронајдоа тврдина на врвот од ридот, заштитни бедеми, како и светилиште, но открија и „вампирски гроб“, кој потекнува од Средниот век.
Со истраживањето раководи бугарскиот археолог, професор Николај Овчаров, кого во земјата го нарекуваат бугарскиот „Индијана Џонс“, затоа што е специјализиран за трагање по мистерии од старите цивилизации.
Во изјава за медиумите Овчаров вели дека станува збор за „исклучително добро зачуван средновеков скелет“ на позната античка локација.
– Без сомнение, одново се соочуваме со пример за средновековен антивампирски ритуал. Најдениот колец низ градите, е забоден за да се спречи „злото“ и човекот да не се врати од умрените и да ги тероризира живите, објаснува археологот Овчаров.
Откриениот скелет му припаѓал на маж, на возраст меѓу 40 и 50 години, а гробот потекнува од првата половина на 13 век.
Бугарските археолози тврдат дека досега во Бугарија се откриени околу 100 скелети во „вампирски гробови“.