Во Македонија не се увезува и не се гори медицински отпад – тврди Министерството


Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина во врска со информациите за увоз, складирање и согорување на опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитот на воздухот, што во изминативе денови интензивно се објавуваат од одредени медиуми, ја информира јавноста дека станува збор за шпекулации и невистини.

Од таа причина важно е граѓаните да знаат дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка. Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 г. каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање. Дополнително, Законот се базира на меѓународните прописи кои се однесуваат на пратките на отпад (вклучително и барањата на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасниот отпад чиј што потписник е и Р.С. Македонија).

Од тука, уште еднаш им нагласуваме на граѓаните дека, согласно постоечката законска регулатива во РСМ, е забранет увоз на отпад заради депонирање или складирање. Дозволен е увоз на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола издадена од МЖСПП. Отпадот кој се увазува во РСМ е главно отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори (видови на отпад за кои постојат преработувачки капацитет во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи).

МЖСПП најодговорно тврди дека не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање.

Исто така, нагласуваме дека ниту една италијанската компанија, ниту било која друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад.

Имено, сите нестандардни депонии во Република Северна Македонија, кои се користат за отстранување на комуналниот и други видови неопасен отпад се оперираат од страна на општините, преку јавните комунални претпријатија. При тоа, МЖСПП одговорно тврди дека нема издадено концесија за ниту една нестандардна депонија во РСМ, а шпекулациите дека 20 депонии се издадени под концесија се комплетно невистинити.

Исто така, на нив досега не е евидентирано горење на отпад, освен случаи со опожарување на самите депонии.

Во однос на санитарната депонија Дрисла, во правниот субјект се вршени редовни, вонредни и контролни надзори од формирањето на Инспекторатот во 1996 година до денешен ден и во текот на повеќе трансформации на правниот субјект. Изречени се и повеќе санкции за различни законски повреди за опожарување, истекување на депониски исцедок во река, од кои последната се однесуваше за надминување на граничните вредности на емисии при согорување во печката и тоа за еколошкиот параметар јаглероден моноксид (CO), а не за партикуларни честички (PM). Сосема е друга темата за ружата на ветрови и влијанието на овој правен субјект врз квалитетот на воздухот во Скопје со оглед дека истиот локациски е 14 км југоисточно од главниот град, а треба да се елаборира релацијата на метео- условите во скопската котлина и надвор од неа. Од страна на Државниот Инспекторат за животна средина со решение правниот субјект беше задолжен за поставување нов филтер, што беше и сторено со поставување на новиот филтер-воден скрубер.

Правниот субјект нема ниту услови, ниту дозвола за согорување на радиоактивен отпад, која пак област е во делокруг на надлежност на Дирекцијата за радијациона сигурност. Правниот субјект Дрисла реализираше и индикативни мерења на ниво на доза на радијација на самата локација, како и мерења на неколку еколошки параметри во амбиенталниот воздух со Факултетот ФИНКИ.

МЖСПП води регистар за увезен, извезен или отпад кој транзитирал низ РМ и истиот е

допстапен на www.moepp.gov.mk МЖСПП / Документи / Регистри

Министерството за животна средина и просторно планирање

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1