Во Македонија најмногу се умира од срце


Трендот на смртност од кардиоваскуларни болести во Македонија е во постојан пораст, а во вкупната смртност тие учествуваат со 60 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика во 2012 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.926 лица од кои 5.739 се мажи, а 6.187 се жени, со вкупна стапка на смртност од 578 на 100.000 жители. Како значајна причина за смрт во структурата на циркулаторните болести со 100 смртни случаи на 100.000 жители или околу 2.000 смртни случаи годишно учествуваат исхемичните болести на срцето. Секоја година се регистрираат повеќе од 3.000 срцево-садовни заболувања.

srcev-udar infarktОва денеска го истакна директорот на Институтот за јавно здравје на Македонија Шабан Мемети на прес-конференција по повод на Светскиот ден на срцето, кој се одбележува на 29 септември под мотото „Тргни кон здраво срце“.

Тој посочи дека како ризик фактор за честа појава на болестите на циркулаторниот систем и на срцево-садовниот систем, како и сериозни компликации и предвремена смртност се високиот крвен притисок, холестеролот во крвта, шеќерот во крвта, зголемената тежина, физичката неактивност, стресот итн.

– Со соодветни превентивни активности и промени во стилот на живеење овие ризик фактори може да се намалат, а со тоа да се намали и појавата на кардиоваскуларни болести. Тоа пак ќе ги намали трошоците за здравствена заштита, ќе го подобри квалитетот на животот, додаде Мемети.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски рече дека Програмата за превенција, лекување и контрола на кардиоваскуларните болести во Република Македонија до 2020 година, која годинава првпат ја донесе Министерството за здравство, е уште еден значаен сегмент од низата превентивни активности и кампањи кои државата и Министерството во континуитет ги преземаат во насока на рано откривање на кардио-васкуларните заболувања.

srce33Тој ја спомна и улогата на добрата и современа дијагностика и стручниот кадар во јавните здравствени установи, а посебно голем, како што истакна, е придонесот на Универзитетската Клиника за кардиологија, како и на другите кардиолошки одделенија во болниците ширум земјата.

– Акцентот е ставен на превенцијата на срцевите заболувања и стопирање на нагорниот тренд на новозаболени бидејќи медицински е докажано дека дури 80 проценти од болестите на срцето можат да се спречат доколку се елиминираат главните ризици за нивно појавување, од кои се почесто заболуваат помладите лица кои се во најпродуктивниот период од животот, како што се: стресот, неправилната исхрана, недоволната физичка активност и пушењето, рече Андовски.

Во Националната програма, нагласи заменик-министерот, е опфатен и развој на мрежа за интервентна кардиологија–покрај Скопје и Битола, каде веќе самостојно се вршат интервенции на хронични случаи, во финална фаза е отворањето на ваков центар и во Штип, а интензивно течат активностите и во Струмица и Тетово.

– Значаен сегмент од Програмата е развој на неонатална кардиохирургија (направени се значителен број интервенции), се врши обука на специјалисти во странство, како и обука од реномирани специјалисти од странство во делот на кардиоваскуларни заболувања, додаде Андовски.

mia

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1