Родители на кои им се готови електронските здравствени картички, но не ги добиле за децата што се осигурени преку нив, чекаат ред со часови во Фондот за здравство за да добијат сини картони. Без нив и без картичката не може да го искористат осигурувањето, да прават анализи и да земаат лекови на државен трошок, пишува Нова Македонија.
Во Фондот за здравство, каде што ги подготвуваат картичките, не се организирале да ги издаваат во исто време за родители и деца осигурени преку нив или, пак, родителите да добиваат потврда дека се подготвува картичката за детето, на чие име е осигурувањето, па штом родителот има платени придонеси, и детето има право на осигурување. Не сакаат сите фирми да ги земаат сините картони за децата. Така, родители излегуваат од работа и чекаат во големите метежи во подрачните единици.
– Јас ја добив картичката пред околу два месеци, а аплицирав за неа пред околу една година. Во меѓувреме поднесов апликација и за ќерката, која има 11 месеци. Но ми ја дадоа само мојата. Штом ни ги поделија картичките, веќе не добиваме сини картони. Детето ми се разболе, а на лекар негодуваа дека немаме осигурување и дека не може да добиеме рецепти. На работа ми рекоа дека треба сам да одам да си ги земам во Фондот. Морав да чекам три часа, излегов од работа. Со вакви услови на компјутеризација трагикомично и смешно е ова да не се предвиди. Или, пак, можеби некој не сакал да се потруди – вели Александар од Скопје.
– Фирмата е одговорна да ги земе сините картони за децата, без разлика на тоа што вработените добиле електронски здравствени картички. Меѓутоа, во некои од нив веројатно ги тераат вработените сами да го прават тоа – велат од Фондот.