Во Собранието продолжение на расправата по законот за јазиците


Во Собранието на Република Македонија денеска напладне продолжи дебатата по Предлог-законот за употреба на јазиците.

Пратениците продолжија со реплики на излагањето на пратеникот Никола Поповски од ВМРО-ДПМНЕ во тек на собраниската расправа во текот на изминатата ноќ.

Петар Атанасов од СДСМ рече дека сите пратеници од албанските политички партии кажуваат дека има потреба од ваков закон, но оти ВМРО-ДПМНЕ немале храброст да го затворат ова прашање.

– Ајде да го затвориме последното големо прашање од Охридскиот рамковен договор и заедно да градиме една единствена заедничка мултикултурна и демократска граѓанска Македонија- рече Атанасов.

Според Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, причината за носење на законот не е од практична причини за употреба на јазиците од страна на етникумите во Македонија, туку, како што рече, поради предизборниот период и она што е ветено како договор и основа за коалицирање помеѓу партиите од владејачкото мнозинство.

Поповски, пак, повтори дека е за закон за јазици, но оти е против постапката и одлуката за негово носење од страна на парламентарното мнозинство. Од сите, како што рече, неиздржани аргументи, најмногу го загрижувал и го смета за најопасен аргументот дека Европската унија така налага.

– Да не ја злоупотребуваме ЕУ. Ако веќе ја ставаме ЕУ во оваа корелација не може да го избегнеме фактот дека не постои заедничка политика за јазична употреба во рамки ЕУ- рече Поповски.

Реплицирајќи му, Томислав Тунтев од СДСМ наведе дека е факт оти ЕУ нема заедничка политика во однос на јазиците, но дека ЕУ нема ниту заедничка политика во однос на образованието, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ вовела екстерно тестирање виз-а-ви европските искуства. Значи, потенцираше, ние можеме да ги земаме искуствата без оглед дали ЕУ има или нема заедничка политика затоа што ЕУ како заедница на независни суверени држави решила кои ќе се областите за кои ќе има заедничка политика. Очигледно ова не е, но тоа не значи дека не е регулирано во тие држави. Напротив, Белгија, Финска, Естонија, Франција, Шпанија, Италија. Секаде се модели каде на еден или на друг начин го регулирале ова прашање, но таму немало конфликт во 2001 година и Рамковен договор во чии рамки се движиме овие години, рече Тунтев.

Пратениците денеска шест ден расправаат по Предлог законот за употреба на јазиците.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1