Старата железничка станица, лоцирана на нашиот најголем археолошки локалитет, Стоби, ќе биде адаптирана во современ Центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември. Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при вчерашната посета на оваа национална установа. Тој посочи дека, годинава, Министерството за култура и туризам издвои повеќе од 10 милиони денари за археолошките истражувања, конзерваторските работи и особено за проектот за адаптација на Старата железничка станица.
– Археолошкиот локалитет Стоби претставува едно од најзначајните културни богатства и важен столб на нашиот културен идентитет. Како држава, ние сме свесни за неговата исклучителна вредност и затоа постојано стоиме зад Националната установа „Стоби“, обезбедувајќи значителни буџетски средства, посочи министерот Љутков. Тој истакна дека Стоби е и стратешка точка за развој на транзитен туризам, а неговата близина до автопатот Е-75 го прави идеална дестинација за илјадници патници кои минуваат низ нашата земја.
– Со отворањето на новиот Центар за посетители и со подобрувањето на услугите за туристите, ние сакаме да го претвориме Стоби во место каде што патниците ќе сакаат да запрат, да го запознаат нашето богато наследство и да го доживеат вистинскиот дух на античкиот свет.
Посебно се радуваме што покрај финансиската поддршка од државата, потенцијалот на Стоби го препознаваат и угледни меѓународни организации и фондации од САД, Италија и Бугарија, додаде, меѓу другото, Љутков.










