Во надеж дека ќе го спречат брзото ширење на Ковид-19, британските власти од денеска воведуваат нов карантин за 56 милиони жители, Италија и Кипар се подготвуваат за полициски час, а САД имаат нов рекорд од повеќе од 100 илјади заразени за 24 часа.
Коронавирусот сега најбрзо се шири во Европа со повеќе од 11 милиони случаи, од кои половина се во Русија, Франција, Шпанија и Велика Британија.
На глобално ниво, пандемијата уби најмалку 1,2 милиони луѓе, а САД сè уште се на првото место, со 233.650 смртни случаи.
После Ирска и Франција, почнува второто затворање во Англија за нејзините 56 милиони жители. Продавниците што не се неопходни ќе мора да се затворат, а угостителските објекти ќе можат да вршат само испорака. Училиштата остануваат отворени.
За да ја смири загриженоста на граѓаните, британскиот премиер Борис Џонсон вети дека карантинот ќе заврши на 2 декември.
Велика Британија е земја со најмногу жртви од Ковис-19 во Европа и има 48.000 смртни случаи.