Во железничката несреќа што се случи вчера наутро во близина на Битола животот го загуби поранешниот новинар, дописник на “Нова Македонија“ и “Утрински весник“ Гоце Каревски, на возраст од педесет и шест години, пренесува Тера.мк.
Каревски последните години работеше како такси возач.
Несреќата се случила кај населбата горно Оризари на отворен железнички премин на кој нема рампа. Деловниот воз Битола-Скопје во 5.30 минути на неколку километри од железничката станица налетал на такси возилото со кое управувал Каревски.
Од силината на ударот, такси возилото било влечено тристотини метри по шините, при што Каревски го загубил животот.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на лице место. Издадени се наредби за обдукција на телото на починатиот и анализа на крв за утврдување на евентуално присуство на алкохол. По проверките направени на лице место утврдено е дека нема присуство на алкохол кај машиновозачот.