Министерството за култура упати барање до Државниот завод за ревизија за вонредна ревизија за регуларноста на нивното работење. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за култура Роберт Алаѓозовски во Галерија Даут-пашин амам.
– Министерството за култура се наоѓа во многу тешка финансиска положба. Ние направивме евалуација на проектите, програмите и активностите на Министерството во 2017 година, заклучно со 1 јуни. Утврдивме дека средствата за реализација на проектите во рамки на годишната програма на Министерството се 80 отсто потрошени, рече Алаѓозовски.
Појасни дека проектите се исплатени пред време, дури и проекти кои не се реализирани.
– Оваа информација ја доставивме и до Владата, образложувајќи дека за некои проекти склучувани се и анекс договори со кои и средствата кои однапред биле предвидени за одредени проекти се поголеми од првично одобрените. Побаравме од Владата да донесе заклучок во кој Министерството за култура ќе побара од Државниот завод за ревизија да направи вонредна ревизија за регуларноста на работењето на Министерството, истакна Алаѓозовски.
Министерот за култура очекува позитивен одговор на нивното барање. Последната редовна ревизија на Министерството за култура, како што рече, е извршена во 2011, за работењето во 2010 година.
Одговарајќи на новинарско прашање, Алаѓозовски рече дека целосно се исплатени од 90 до 95 отсто средства за проекти кои треба да се реализираат во наредниот период.
– Тоа е практика која не соодветствува на воспоставената затоа што порано Министерството исплаќало аванси најмногу 30 до 50 отсто, при што секогаш остатокот од средствата се исплаќале по доставувањето и усвојувањето на извештаите. Со оваа предвремена исплата се оневозможува Министерството да корегира или да дејствува, ако почувствува дека буџетските средства се ненаменски, несоодветно или прекумерно потрошени надвор од дозволените ставки и буџети, рече Алаѓозовски.
Прашан за долгот на Министерството за култура, Алаѓозовски истакна дека тој е околу 2,2 милијарди денари.
– Се разбира дека е голем, меѓутоа и ова не е целосниот долг затоа што се уште не знаеме и не е извршен увид во работата на самите институции на културата. Шеесетината институции од национален интерес, националните установи не се дел од структурата на овој долг. Овој долг е направен само врз база на дејностите во Министерството за култура кои се покриваат, врз база на т.н. капитални проекти и јавни набавки и инвестиции, нагласи Алаѓозовски.
Најави дека за сето тоа ќе следува одговорност и додаде оти затоа е потребна ревизија. – Надворешна, независна и темелна ревизија ќе не донесе до оправданоста, ќе ја лоцира прецизно одговорноста и сите трошења. Тој извештај од ревизијата ќе ни помогне да преземеме соодветни дисциплински мерки, па дури и кривична одговорност онаму каде ќе ја утврдиме, потенцира Алаѓозовски.
Министерот за култура рече дека не побарале нови средства со ребалансот на буџетот бидејќи, како што рече, тие не се возможни.