Докторите препорачуваат да не се консумира сурова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.
Двајца возрасни и едно бебе починале од бактеријата листерија. Двајца други се излекувани и пуштени дома, додека еден возрасен и едно бебе се борат за живот. Пет од пријавените случаи се со дијагноза воспаление на мозокот, а новороденчињата се со сепса. Биланс од нападот на бактеријата што ја има насекаде.
Инкубацијата на листерија е од 3 недели до 70 дена. Пациентите се од Скопје, Гевгелија, Македонски Брод, Кочани, Охрид. Затоа било тешко да се поврзат случаите. Надлежните ќе бараат одговорност.
„Ги проверуваме микробилошките лаборатории кои изолирале и докажале листерија дали пријавиле некаде, дали алармирале и ќе бидат строго санкционирани и казнети“, нагласи д-р Јованка Костовска, од Комисијата за заразни болести.
Здравствените власти велат дека не се пренува од човек на човек, туку од контаминирана храна.
„Во организмот, листерија во вообичаени количества може да не даде никави симптоми. Кај некои може да заврши со лесна форма на повраќање и дијареја, мала температура која спонтано поминува“, објаснува проф. д-р Звонимир Миленковиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Но, внесена во големи количества, може да го доведе пациентот во смртна опасност. Бактеријата е опасност за постарите, хронично болните и бремените жени. Бактеријата е фатална за бебето кое може да се роди предвреме или со аномалии.
Докторите препорачуваат да не се консумира сурова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.
Свежиот зеленчук, овошјето и салатите пред јадење треба темелно да се измијат под силен млаз вода.