Директна авиоврска помеѓу Скопје и Атина, останува едно од клучните барања на стопанствениците за интезивирање на бизнисот меѓу македонските и грчките компании.
Потенцијалите се големи, а политичката криза во Македонија не влијаела намалување на трговијата помеѓу двете страни. Поголем проблем, според нив, е економската криза во Грција која резултира и со затварање на грчки фирми во земјава.
– Голем број грчки фирми од областа на текстилот ги затвораат своите претставништва во Македонија поради финансиски проблеми во Грција. Тоа значи и намалување на бројот вработувања иако голем дел од работниците кои ќе останат без работа потоа брзо се префрлаат или наоѓаат ангажман во фирми од некоја друга индустрија, рече претседателот на Индустриска комора на Македонија при ССК Сотир Ампов.
Земјата е петти трговски партнер на Македонија со најголеми инвестиции во банкарството, нафтената индустрија, трговијата и текстилот. Меѓу секторите со потенцијал е и агробизнисот за кој ССК дебатирала на тркалезна маса за одржлив развој во Грција.
– Посебен акцент беше ставен на агробизнисот секторот и на имплементацијата на најсовремените дигитални технологии во земјоделството. Една од пораките беше да се формира т.н. ГеоБалкан иницијатива за имплементирање правилни аграрни политики во насока на одржлив развој на земјоделството, рече извршниот директор на ССК Александар Зарков.
Лани Македонија остварила трговска размена со Грција од 598 милиони евра, од кои 148 милиони се извоз,а 450 милиони увоз. Меѓу најзастапените производи во извозот се земјоделските.