Освен со новите електронски картички, од следната година возењето во градскиот превоз ќе се плаќа и со мобилен телефон, најави вчера главниот извршен директор на „Т-мобил“, Жарко Луковски, на прес-конференцијата за проектот за воведување на системите на електронска наплата и автоматска локација на автобусите во јавниот градски превоз. Тендерот за воведување на двата система го доби домашната комуникациска компанија, од каде што најавуваат дека имаат голем дијапазон сервиси кои ќе бидат понудени.
Луковски информира дека граѓаните ќе може на околу 6.000 места да ги надополнуваат картичките и ја најави можноста за плаќање со мобилен телефон, иако тоа не е предвидено со договорот.
„Т-мобил“ има рок од 300 дена да го воведе системот.
Скопскиот градоначалник Kоце Трајановски истакна дека со овој проект Скопје ќе влезе во групата на паметни градови.
– Новите системи ќе го осовременат јавниот превоз. Придобивките се: следење на автобусите во реално време, запазување на возните редови, намалување на времето на чекање. Голема придобивка ќе биде и интегрирањето во овој систем и на приватните превозници, односно граѓаните ќе можат електронскиот билет да го користат и во ЈСП и во приватните автобуси. Покрај тоа, ЈСП ќе добие современа алатка за димензионирање на превозните капацитети по линија, како и за автоматско генерирање возни редови. Сево ова, во голема мера ќе придонесе за подигање на квалитетот на превозните услуги, зголемување на бројот на патниците, како и зголемена наплата – истакна Трајановски.
Тој додаде дека парите од продажабата на билетите ќе ги добива Градот, а потоа на превозниците ќе им се исплаќа од поминат километар.
– Се надеваме дека со воведувањето на овој современ систем ќе имаме целосна контрола на редот на возење на автобусите – објасни Трајановски.
За реализација на овој проект се предвидени околу 3 милиони евра. Електронската наплата ќе се воспостави во 500 автобуси, од кои во 150 приватни. Ќе бидат поставени исто толку валидатори, односно поништувачи.
Во делот на наплатата, овој проект ќе овозможи лесна и брза наплата. Постои можност за воспоставување разни видови плаќања – дневен билет, неделен билет, временски ограничен билет, зонски билет итн. Во делот на информирањето, патниците навремено ќе имаат информации за постојката на која се наоѓаат и за следната, како и некои други битни информации, како на пример, за прекини на одредена линија. На стојалиштата ќе има информациски дисплеи за пристигнување на автобусите, а со испраќање СМС-порака патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија. Ќе биде на располагање и планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места со јавен превоз.
Градоначалникот Трајановски рече дека не е за занемарување и заштедата на горивото поради рационализација на превозот и пократкото стоење на постојките, а со тоа и помалото загадување на воздухот. Тој го истакна и еколошкиот момент од заменувањето на постојните хартиени билети, кои досега најчесто завршуваа по улиците и тревниците, со билети со чип чија трајност е 4 години.