Врховниот суд ги поништи пресудите за поранешниот премиер Владо Бучковски што беа донесени од Основниот суд Скопје 1 и од Апелациониот суд, а предметот за набавката на тенковски делови ќе биде вратен на ново судење во Кривичниот суд, објави Судство.мк.
Како што информираат од порталот, пресудите се поништени и за поранешниот началник на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски, неколкумината вработени во Министерството за одбрана и директорот на Метроп, Митре Петковски.
Според обвинението сите учесници во овој случај ја злоупотребиле службената положба при набавките на резервни делови на армиските тенкови „T55“ и го оштетиле Вуџетот за повеќе од два милиона евра. Бучковски и Стамболиски од првостепениот суд добија пресуди од три години затвор, кои Апелациониот суд им ги намали на две години.