Петтемина врховни судии на чело со претседателот Јово Вангеловски, кои со мнозинство гласови му го укинаа притворот на избеганиот бизнисмен Сеад Кочан обвинет во „Труст“, на шести јуни се поканети на седницата на Судскиот совет за разрешување. Потврда за терминот добивме од судиите, објавува порталот Сакам да кажам.
Предлогот за разрешување е наследен од веќе укинатиот Совет за утврдување факти за одговорност и разрешување на судиите, а Судскиот совет во овој состав не го отфрли. Пред неколку месеци беше формирана комисија од членови на Советот, кои ја водеа постапката до главната седница, на која ќе се расправа за одлуките на петтемина највисоки судии за случајот Кочан.
Покрај Вангеловски, за разрешување се предложени и врховните судии: Рахилка Стојковска и Ристо Катавеновски, кои гласаа за ослободувањето на Кочан, но и двајцата кои гласаа против, Џемали Саити и Фаик Аслани.
Предлогот за разрешување е за сите петмина, без оглед кој како гласал. Не се знае како ќе постапи Судскиот совет: дали ќе одлучува за секој од петте членови поединечно, според тоа кој како гласал, дали за сите ќе донесе истоветна одлука, или на крајот сепак ќе ја отфрли иницијативата, бидејќи Уставот им гарантира на судиите во предметите самостојно да одлучуваат, а одлуките се тајни.
Сеад Кочан, чие судење во предметот на СЈО „Труст“ во моментов привршува во Основниот суд Скопје 1, избега во април лани. Избега веднаш штом му беше одредена мерка притвор. Беше осомничен за добивање противзаконски тендер од 17 милиони евра од минатата власт, со лажна документација.
Во меѓувреме, на иницијатива на Вангеловски, Општата седница на Врховниот суд расправаше и на 27 април лани донесе одлука тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски да може да се меша во предметите на СЈО и да поднесува Барање за заштита на законитоста после секоја одлука на СЈО. Зврлевски поднесе предлог до Врховниот суд, а кривичниот совет под раководство на Вангеловски на 12 мај ги укина одлуките на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје од март лани, со кои му беше одредена мерка притвор. Кочан по одлуката на петчлениот кривичен совет на Врховниот суд уште истата вечер се врати во Македонија, преку граничниот премин Табановце.
Судовите повторно одлучуваа, ја прифатија понудената гаранција од 900 илјади евра и Кочан беше пуштен да се брани од слобода. Но, во Основниот суд Скопје 1 веќе не беше истиот кривичен совет, бидејќи тогашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев го беше сменил распоредот и го немаше советот кој првично му ја одреди мерката притвор на Кочан.
SDK.MK