Целиот достапен состав на СДВР, воена полиција, жандармерија, безбедносна полиција, Општинската полиција и НСО со поддршка на оклопни воени возила се ангажирани да ги чуваат претставниците на власта пред споменикот на Васил Левски во Софија од лутата толпа, која беше подготвена да го пробие кордонот и да дојде до комеморативна церемонија по повод 140-годишнината од смртта на Апостолот.
Демонстрантите против владата и високите цени на струјата тргнаа од Орлов мост малку по 18.00 часот и се судрија со полициска блокада околу Народното собрание и споменикот на Васил Левски. Околу 500 луѓе тргнаа кон споменикот, но беа запрени од полицијата.
Повеќе агресивно настроени млади фрлија неколку молотови коктели против полицајците. Пред зградата на Парламентот се собраа околу 2-3 илјади луѓе.
Бранот протести поплави уште неколку градови во земјата. Луѓето излегуваат на улица. Во Плевен се собраа над 3 илјади луѓе, колку и во Димитровград и Благоевград.
Во Бургас беа помалку од вчера, но во Варна, каде започнаа протестите, мноштвото повторно беше од неколку илјади луѓе. Во Враца се собраа над 500 лица, во Габрово околу 300 жители излегоа на улица.