Очекувам преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и со Албанија да бидат отворени во март, освен ако не се чека Самитот во Загреб во мај, изјави во Париз српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со неговиот француски колега Емануел Макрон, коментирајќи ги барањата на одредени земји за повторно ставање на гласање на одлуката за старт на пристапните преговорите со двете земји.
– Тие ќе го сторат тоа во март, бидејќи се плашат од резултатите од изборите на 12 април во Скопје. Тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој кому му ветиле нешто за нешто што тој направил – изјави Вучиќ.
Српскиот претседател по синоќешната средба во Париз со Макрон истакна дека иницијативата за укинување на бариерите за слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија е поважна од повлекувањето на признавањето на Косово.
На прашањето дали добил поддршка од Макрон за „Малиот Шенген“ и дали очекува притисок поради идејата, Вучиќ одговори дека оваа иницијатива нема да ја нарече со тоа име, иако веќе е влезена во секојдневна употреба, бидејќи тој назив „вознемирува некои луѓе, а и поради географската одредница“.
– Никој не може да каже дека таа иницијатива може некому да му пречи, затоа што не постои рационална причина за тоа. Иницијативата е поддржана од САД и Макрон тоа ќе го стори јавно. Но, на некои земји може да им се каже да речат дека се против тоа заради нешто, затоа што сфатиле дека ја земаме судбината во свои раце и самите ги решаваме сопствените проблеми – истакна Вучиќ.
Тој нагласи дека ни на членови на неговото семејство не може да им ја објасни важноста на оваа иницијатива.
– Постариот син смета дека е позначајно повлекувањето на признавањето на независноста на Косово, а тоа не е ни близу до тоа – рече Вучиќ.
Српскиот претседател истакна дека е неопходно „да се стави на видело“ европската иднина на регионот, додавајќи дека започнувањето преговори и потоа задржување десет години во отворање на поглавјата, само доведува до зголемување на бројот на противници на ЕУ.
Во исто време, смета Вучиќ, францускиот претседател Макрон е во право кога вели: „ќе преговарате, а потоа 10 години ќе отворате поглавја“.
Притоа, според Вучиќ, ова ќе доведе до целосен „егал“ на противниците и поддржувачите на ЕУ во земјите од регионот.
– Макрон, за разлика од другите, ја кажува вистината и не е лицемерен – додаде тој.
Вучиќ истакна дека на Србија не ѝ пречи да продолжи да преговара по поглавјата и во меѓувреме да бидат отворени структурните фондови со што земјата би добила над една милијарда евра со кои би се живеело подобро.
– Но, тоа нема да се случи – истакна Вучиќ.