Српскиот премиер Александар Вучиќ минал неповреден во сообраќајната несреќа во петокот попладне кога на неговиот автомобил на една раскрсница во Белград налетал друг автомобил, пишуваат во саботата белградските медиуми.
„Точно е дека автомобил налета на мојот службен автомобил. Не сум повреден и се чувствувам добро“, изјавил Вучиќ за Вечерње новости.
Веста за сообраќајната несреќа наиде на различни интерпретации во српските медиуми. Вечерње новости и Блиц наведуваат дека на раскрсницата кај Военомедицинската академија во Белград „шкода суперб“ налетала од споредна улица и при полна брзина во „аудо“-то во кое се наоѓал Вучиќ. Шкодата наводно се движела од околу 50 километри на час.
Информер, таблоид кој важи за близок на српскиот премиер, пишува дека „шкодата“ налетала на предната десна страна од „ауди“-то од придружбата кој одел веднаш зад автомобилот во кој бил Вучиќ. Весникот наведува и дека „шкодата суперб“ била во сопственост на Управата за заеднички работи на владата во која бил вработен и возачот.
Според Информер, во моментот на несреќата, целата Црнотравска улица била под специјално полициско обезбедување, бидејќи однапред било најавено минувањето на премиерот Вучиќ и неговата придружба, а на раскрсницата каде што се случи сударот во моментот, наводно, биле распоредени дури седум сообраќајни полицајци.
Заедничко за сите медиумски извештаи е дека „истрагата се води во тајност“ или „најстрога тајност“, како и дека се проверуваат сите околности на инцидентот. Српското министерство за внатрешни работи засега не издаде соопштение за оваа сообраќајна несреќа.