Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека српските надлежни органи утврдиле и докажале дека против Србија е извршено разузнавачко дејствување и оти поради тоа е повлечен персоналот од српската Амбасада во Македонија.
– Нашите надлежни органи утврдија и ни дадоа докази и сознанија за разузнавачко дејствување против институциите на Србија – изјави Вучиќ пред новинарите.
Тој порача дека без разлика на се, Србија ќе продолжи да негува пријателски односи со Македонија.
– За седум до десет дена работите ќе бидат појасни – потенцираше Вучиќ.
– Наше е нашите луѓе да бидат подготвени. Ќе има некои промени во нашиот персонал. Нашите интереси ќе ги заштитиме и ќе градиме добри односи со Скопје, истакна шефот на српската држава на прашањето дали кризата во односите има врска со членството на Косово во УНЕСКО.
– Како да ви кажам…Тие односи ќе мораат да бидат засновани на взаемно почитување. Дали Албанците ќе го стават Косово на дневен ред на собранието на УНЕСКО… Наша работа е да ги заштитиме интересите на Србија, а при тоа да не ги нарушиме интересите на другите земји – истакна Вучиќ.
Kако што пренесува Танјуг, Вучиќ дополни дека има мешање и на некои други сили, но не именуваше за кого се работи.