Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека пишувањата на медиумите дека Македонија сепак ќе гласа за прием на Косово во УНЕСКО не се точни, бидејќи македонското раководство му рекло дека при идниот обид на Косово за влез во таа организација на Обединетите Нации нема да гласа позитивно.
Вучиќ во интервју за РТС сепак додава дека ќе чека како ќе се однесува Македнија, но и Црна Гора, иако е убеден дека зад нивните чекори стои некој многу помоќен.
,,Ништо ново. Тие гласаа и за независност на Косово, гласаа и за УНЕСКО минатиот пат. Тоа и ќе го определи нашиот однос кон нив.
Како успеваме да ги убедиме Јужна Африка или Ангола, а не успеваме да ги убедиме нашите најблиски соседи?
Затоа што има влијание некој што е многу помоќен од нас. А, тоа се пред се САД и најмоќните земји на ЕУ. Ако мислите дека можеме нашата сила да ја споредиме со нивната, но тоа секако ќе носи и ќе зборува за тоа каков треба да биде нашиот однос во иднина по некои од важните прашања за тие земји‘‘, изјави Вучиќ.
Премиерот Заев минатиот месец на неформалната средба на шефовите на влади во Драч изјави дека годинава апликацијата на Косово не е тема бидејќи не е поднесена и дека не знае дали ќе биде така и следната година. Српската премиерка Брнабиќ на тоа одговори дека без оглед дали е тема или не, важно сите да се држиме до договорите, како годинава така и следната година.