За 1200 денари од скопскиот аеродром до пет нови светски дестинации


Преку поволни цени од само 1.200 денари па нагоре, македонските граѓани ќе имаат можност од скопскиот аеродром „Александар Велики“ да летаат до нови пет атрактивни дестинации.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски и портпаролот на нискотарифната авиокомпанија Wizz Air Даниел де Карваљо, денеска официјално го означија почетокот на новите пет директни линии од Скопје до Барселона, Осло, Фридрихсхафен, Нирнберг и Хамбург.aerodrom skopje avioni

Првиот лет до Осло се реализираше изутрината во 6 часот, а до Фридрихсхафен попладне во 13 часот и 30 минути. Утре во 18 часот и 25 минути од „Александар Велики“ ќе замине и првиот авион на „Визер“ за новата дестинација Барселона со што Македонија првпат воздушно ќе се поврзе со Шпанија. Задутре, пак, скопскиот аеродром ќе ги отвори новите линии до Хамбург во 6 часот и 15 минути наутро, како и до Нирнберг во 13 часот и 15 минути попладне.

На новите линии кон европските градови „Визер“ ќе сообраќа двапати неделно. За Фридрихсхафен секој понеделник и петок, за Барселона во вторник и сабота, а за Хамбург и Нирнберг во среда и во недела.

– Со воведување на новите линии создаваме можност преку достапни цени на авиобилетите да се посетат најпосакуваните и најатрактивните градови во Европа. Создадовме услови и граѓаните на Македонија преку евтини билети да можат полесно да патуваат до европските метрополи во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството и туризмот, рече на промоцијата на летовите министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.aerodrom kufer patnik

Според него, владините политики за субвенционирање нови авиолинии имаат резултати и се оправдани. Компанијата „Визер“ од 2012 година досега преку финансиската поддршка од Владата воведе 20 дестинации до европски градови и превезува половина од вкупниот број патници, односно 50,2 проценти. Мисајловски очекува со новите дестинации годинава бројката значително да се зголеми.

– Генерално сум задоволен како се зголемува бројот на патници кој од почетокот на годината постојано расте. Заклучно со мај превезени се над 506.000 патници што е зголемување за 17 проценти во споредба со претходната година. Останува предизвикот за оваа Влада бројката од 1.278.000 патници кои поминаа лани низ македонските аеродроми, оваа година да ја зголемиме дополнително токму преку новите линии, рече Мисајловски.1500000000Untitled-1

Согласно договорот со „Визер“ за субвенционирање авиолинии за периодот од 2015 до 2018 година од 1 јули од охридскиот аеродром ќе се воведе директна линија до Базел. Оваа авиолинија, според Мисајловски, ќе придонесе за поголемо искористување на капацитетите на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, како и за привлекување нови странски туристи, странски инвестиции и економски раст и развој на Охрид.

– Преку евтините летови придонесовме за зголемување на бројот на странски туристи. Минатата година бележиме раст од над пет проценти на бројот на туристите, посочи Мисајловски.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, со отворањето на новите авиолинии се очекува натамошен пораст на сообраќајот и бројот на патници на „Александар Велики“.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1