За народниот пратеник или функционерот да оствари право на апанажа – или во превод 1000 евра месечно, за да седи дома една година, се што треба е во рок од еден месец од крајот на мандатот на лист хартија да напише дека сака апанажа и тоа ливче да го достави до собраниската архива. Kомисијата за избори и именувања го потврдува правото на апанажа по што следи месечната исплата. Притоа, единствениот услов е функционерот да нема засновано работен однос, а не е битно дали тој има други приходи. Имено, законите за пратеници и за плати и надоместоци на избрани и именувани функционери не предвидува други услови за да се оствари ова „социјално“ право, како пример, непоседување одреден имот од кој може да се остварат приходи или, пак, дополнителни надоместоци од партиски ангажман, консултантски услуги и слично.
Социјалната помош пак, која исто така треба да биде некаква материјална сигурност за одреден период, е паричен надоместок кој го исплатува државата (од 2.100 денари до најмногу 6.100 денари) на материјално необезбедени лица и домаќинства. При тоа условот е да се нема приходи и да се нема никаков имот, макар и возило или пак некоја нивче од стотина квадрати која не може да роди ни 15 килограми компири.
За да се оствари ова право, покрај барањето до министерство за труд и социјала, потребно е да се поднесе и документација за материјалната состојба на домаќинството, потврда за бројот на членови во семејството што ја издаваат социјалните служби, доказ дека не се поседува имот од УЈП и Агенцијата за катастар и слично. Ваквите документи се поднесуваат еднаш годишно, а во случај да не се стори тоа, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните шест месеци.
Апанажата не е задолжително право т.е. не следи по автоматизам, туку се доделува по лично барање на функционерот. Значи оставено е на неговата совест дали ќе го искористи ако знае дека поседува доволно имот или приходи .
Kолку апанажи сме имале досега?
По секои избори или реконструкција на власта има наплив од функционери што бараат право на апанажа. Во 2002 година дури 51 пратеник побарале апанажа, а во 2006 година околу 30 пратеници го искористиле ова право. На предвремените избори во 2008 година апанажа побараа 73 пратеници, но добија само 22 лица. Во 2011 година околу 50-тина лица го остварија ова право, исто колку и сега. Многу поголем е напливот во владините функционери. Во 2006 година на апанажа отидоа дури 590 вакви функционери.
Она што може да се заклучи од претходните парламентарни состави, е дека голем дел од нив си имале професионален ангажман пред да дојдат до државничката функција – најчесто се адвокати, лекари, професори, бизнисмени, банкари, кои веднаш можат да се вратат на работното место. Сепак, и покрај тоа, тие не се откажуваат од законското право за едногодишна апанажа и не се враќаат веднаш на старите работни места, туку тоа го прават откако ќе им истече ваквата привилегија.
Дневник.мк