Правење сообраќајни несреќи, преземање контрола врз апаратите за срце и предизвикување срцев удар се дел од сценаријата како може да се направи убиство преку Интернет, предупредуваат од Европол
Штетите од компјутерскиот криминал, кои достигнуваат и до 290 милијарди евра, до крајот на годинава можат да почнат да се бројат и со човечки жртви. Шансите првото онлајн-убиство да се случи до крајот на годинава се големи, а причината е што криминалците сѐ почесто ги следат своите жртви со помош на технологиите поврзани со Интернет.
Според европската полициска агенција Европол, концептот на 21 век, наречен „Интернет за сѐ“, освен што го олеснува секојдневието на луѓето, може и значително да ги олесни криминалните активности на хакерите.
Споменатиот концепт ги опфаќа сите „паметни“ апарати, а од нив во секојдневието веќе може да се сретнат автомобили чии функции се регулираат онлајн, безбедносни системи на домовите што командите ги добиваат преку Интернет и многу други. Сите тие можат да бидат хакерска цел на криминалците, кои, откако ќе го пробијат системот, ќе ја преземат и контролата.
СРЦЕВ УДАР ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ
Според предвидувањата што кружат на Земјината топка, покрај тоа што наскоро автомобилите нема да може да функционираат без поврзаност со Интернет, истото сценарио ги очекува и сите медицински помагала.
Лицата со срцеви проблеми, кои всушност имаат вградено апаратче за срце, стравуваат од онлајн-убиство сѐ додека нивното апаратче има опција за безмрежно врзување со Интернет, односно ви-фи.
Меѓу првите луѓе што од страв презеле нешто е поранешниот потпретседател на САД, Дик Чејни. Тој лани ја исклучил опцијата ви-фи на својот пејсмејкер, бидејќи стравува од хакери, кои можат да му предизвикаат срцев удар преку онлајн-команда, ако хакери му ја пробијат контролата. Неговото апаратче може да детектира нерегуларни чукања на срцето, кои можат да се контролираат со испуштање соодветни електрични шокови.
– Свесен сум дека постои таа опасност и сметам дека е веродостојна, затоа и ја имав потребната операција за да се исклучи таа опција – изјави тој во едно негово интервју.
Сценариото од кое се плаши овој бивши американски функционер беше употребено во трилер-серијата „Хоумленд“, кога неговиот измислен филмски лик е убиен со сличен метод.
Ваквата можност беше докажана уште во 2008 година, кога експертски тим успеа преку безмрежно поврзување на Интернет да ја преземе контролата врз апарат што го помага и го регулира работењето на срцето. Меѓутоа, оваа „операција“ тогаш чинела 30 илјади американски долари, а денес, благодарение на напредната технологија, сумата значително се намалила.