Членот на Извршниот одбор на СДСМ Игор Ивановски треба да плати 300.000 денари отштета за клевета на министерката за култура Елизабета Kанческа-Милевска, пресуди вчера Основниот суд Скопје 2. Судскиот совет ја усвои тужбата на министерката и донесе пресуда дека се утврдува граѓанска одговорност на тужениот Ивановски. Според Судот, тој ја наклеветил Kанческа-Милевска со намера да ~ наштети на честа и угледот, пишува Дневник.
Ивановски во својство на член на Извршниот одбор на СДСМ на прес-конференции одржани на 3, 4 и на 5 ноември 2010 година изјавил дека проектот „Скопје 2014“ е класична портокалова пералница на пари.
Тогаш СДСМ обвини дека понуди, конкурсни трудови и тендерска документација за некои од проектите од „Скопје 2014“ се исчезнати под мистериозни околности. Од опозициската партија тврдеа дека недостигаат клучни документи за конечниот избор и за вредноста на тендерите за најмалку 14 проекти, а може и за многу повеќе. Ивановски изјави дека во Министерството за култура или некој свесно ја уништил или ја украл за да ја скрие поголем дел од документацијата.
– Пред да соопштиме дополнителни информации, ја повикуваме министерката за култура да ја информира македонската јавност како е воопшто можно да се случи ваков скандал поврзан со милионски суми народни пари – изјави тогаш Ивановски.
Министерката Kанческа-Милевска во целост ги демантира информациите дека недостигаат тендерски документи за проектот „Скопје 2014“ и рече дека целата документација за Музејот на ВМРО, театарот, филхармонијата и за триумфалната порта се во Министерството за култура.
Таа призна дека од Министерството недостигаат документи за 14 поништени јавни набавки, но дека не станува збор за документација од проектот „Скопје 2014“, туку за поништени набавки, кои немале никакви финансиски импликации. За исчезнувањето било известено МВР уште во 2010 година.
Дневник