Уништени се новите автобуски постојки во Скопје. Иако беа поставени пред само четири месеци, на нив може да се видат залепени огласи и чкртаници со маркери и бои. Вандалското однесување на граѓаните го натера ЈСП Скопје да формира служба која ќе ги одржува чисти и уредни новите постојки.
– Многу често ги шараат автобуските стојалишта. Формиравме служба чија основна задача е да ги чисти. Наши вработени, кои често се возат со автобус, ја забележале оваа појава и ние реагиравме. Луѓето од оваа служба се веќе вработени во претпријатието и отсега ќе се грижат за автобуските постојки, вели шефот на кабинетот на директорот на ЈСП, Билјана Јанкуловска, во изјава која ја пренесува Курир.
Според Курир, низ цело Скопје може да се абележат уништени постојки. Местото со клупи и сенки наменето за возачите на автобуси станаа огласна табла. На нив има огласи за работа, извесување за издавање на станови, нудење на услуги како часови по англиски јазик и секако, по некоја љубовна порака.
Во Скопје досега никнаа 68 нови стојалишта, а најавено е до март да бидат поставени предвидените 226. Старите, но, добро зачувани постојки ќе бидат поставени во руралните средини.
ФОТО: Скопје ID