Греењето на дрва најмногу загадува, велат експертите, а според нив, заблуда било и дека тоа е најевтината варијанта. Поекономичните биле топлинските пумпи односно клима уредите, објави Алфа.
Камин, радијатор, клима уред – грејната сезона почнува за три дена. Граѓаните подготвени – оние кои користат дрва веќе ги набавиле, другите само ги чекаат повисоките сметки за парно и струја.
Потрошувачката на струја во зима е поголема за 45%. Од ЕВН велат дека се подготвени, апелираат соседите да пријавуваат сомнеж за кражба.
-Крадците не трошат колку што им треба туку и многу повеќе од тоа. Се јавува преоптоварување на трафостаницата, горење на трафостаници, туку и на внатрешната инсталација што е задолжение за поправка на самите корисници, вели Атанас Ковачевски, ЕВН Македонија, пренесе телевизијата.
Годинава струјата поскапи за 3.5%, но парното поевтини до 5%. Граѓаните почнаа да се враќаат во системот на централно греење. Нова корекција на цените не се очекува до крајот на зимата освен ако нема големи промени на светските нафтени берзи.
„Регулаторната Комисија ги следи и доколку има промени поголеми од 5% на горивото ние добиваме нови цени“ изјави Игор Поповски, директор на топлана „Скопје-Север“.
Дрвата остануваат основна опција. 2/3 од домаќинствата се греат со камини и печки. Македонски шуми сезонава понуди 400 илјади метри кубни, а за најсиромашните повторно одобри попуст од 15%.
-Разликата испаѓа некаде 2 спрема 1 ако ги споредиме цената на парното, цената на електричната енергија со оглед на тоа што цената на огревното дрво не расте… Ние сме јавно претпријатие и мораме да водиме сметка за таа социјална компоненета, вели Жарко Караџовски, директор на ЈП Македонски шуми.
Греењето на дрва најмногу загадува, велат експертите, а според нив, заблуда било и дека тоа е најевтината варијанта. Поекономичните биле топлинските пумпи односно клима уредите.
-Доколку се стават топлински пумпи со инвертори со голем фактор на греење како инвестиција можеби е поскапо, но е најисплатливо. Тоа е најевтиниот начин на греење, вели проф. д-р Ристо Цицинков, Машински факултет.
-За еден киловат енергија потрошен да добие во својот дом три киловати топлинска енергија. Со други зборови ако споредите греалка обична и овој систем трошоците за тој систем се три пати помали, вели проф. д-р Константин Димитров, Центар за енергетска ефикасност.
Вкупните трошоци во голем дел зависат и од самиот објект – подобра изолација значи помала сметка. Инвестициите во подобрување на енергетската ефикасност односно во современи фасади и прозорци се враќаат за неколку години.